Новости

Ellen Allien за првпат во Скопје

Win Music Freedom продолжува со презентација на светски најзначајните диџеј имиња. На 21-ви септември за првпат во Скопје ни доаѓа Ellen Allien, жената која откога се појави на електронската сцена до денес нема пад во кариерата. Журката ќе се случи во клубот Епицентар и од неа очекуваме да ни го донесе она по што сите ја познаваат, свеж техно, хаус и асид звук, темпераментен настап, со кој покажува колку вистински го сака и цени моментот кој го дели со публиката!

Ellen Allien, претставува име на светската електронска музичка сцена што несебично се залага и вложува себе си за поддржување, надградување на истата преку нејзините настапи, сетови, музички изданија и секако нејзиниот лејбл BPitch Berlin.

Кога станува збор за нејзините сетови можете да слушнете совршена комбинација од повеќе жанрови како што се техно, есид и хаус, а сето тоа да биде добро презентирано за љубителите на електронската музика со префинет осет.

Ellen Allien е родена во Берлин, каде што неуморно се залага за етаблирање на локалната електронска музичка сцена од самиот почеток на деведесетите години. Таа како жител а пред се артист во оваа светска музичка метропола има мисија да ги промовира звуците на иднината како и локалните таленти, така што ја основа нејзината музичка етикета BPITCH CONTROL. Како резултат на нејзините активности, пред се на локалната берлинска сцена како диџеј и артист, неизбежни се и поканите за нејзини настапи ширум светот на фестивали, клубови и разновидни настани каде што има можност да го претстави своите вештини во диџеј кабината.

Моментално работи на промоција на нејзините настани под нејзиниот лејбл BPITCH CONTROL како и новата серија настани под името “We Are Not Alone” и во продолжение на овие активности се вбројуваат и настапите со концептот “Vinylism” каде настапува во локалните продавници за плочи презентирајќи разновидни селекции на музика, секако не го изоставаме и нејзиниот ангажман на една од најпознатите радио станици за електронска музика Ibiza Sonica Radio, каде што секој Понеделник води емисија од 1 час, за време на летните периоди на самиот остров Ibiza.

Како што може да заклучиме Ellen Allien има голем број обврски и активности на светската електронска музичка сцена, но сепак наоѓа време и да работи во студио и како едни од позначајните изданија во поновиот период се издвојуваат „Landing xx“ [BPC328], „High“ [BPC315], „Turn Off Your Mind“ [BPC324] како и нејзините албуми „Dust” [BPC217], „LISm“ [BPC264], “Nost” [BPC330].

Сето ова може да не наведе кон еден заклучок а тоа е дека Ellen Allien својата движечка сила и мотивација ја добива од музиката, како една од уникатните артисти на светската електронска сцена, присуството на било која од нејзините забави се смета како незаборавно и уникатно музичко патување и искуство.

Како домашна поддршка ќе настапи Diah.

Билетите може да се набават во претпродажна во Кино Карпош, Радио Бар и Баду по цена од 500 денари, додека истите на влез ќе бидат 600 денари.