Фото: Горан Поповски
Интервјуа

Интервју со Galatheia

После неколку години лутање по лавиринтите на некои ултра-култни скопски компјутери, албумот „Метропол“ на Galatheia кој претставува модерен саундтрак за скопскиот мрак, танц и гордост го здогледува светлото на денот. Промоцијата на албумот ќе се одржи во петок (24-ти март) во Епицентар, па по тој повод направивме кратко интервју со Теа Шалдева. Прочитајте и се гледаме во петок на промоција!

1. Која е Теа Шалдева, како заплива во музичките води и стигна до тоа што е денес?
Во музичичките води запливав така што во осмо одделение формирав бенд заедно со две другарки кои учеа во моето основно училиште. Приказната траеше 4 години и беше своевиден соничен и духовен процес на созревање. По распаѓањето на тој бенд, почнав самата да експириментирам со звук, за еве речиси 9 години подоцна да сум пред промоцијата на својот прв соло албум.

2. Кои беа твојата најголема инспирација кога започнуваше со музиката и што те инспирира овие денови?
Прва инспирација е секогаш музиката која ја слушаш. Љубовта кон музиката ми ја вродија татко ми и брат ми, покрај кои слушав квалитетни албуми од прилично рана, предшколска возраст. Сега инспирација не морам да барам, секогаш ја има и повеќе од доволно во светот кој е внатре и надвор од мене.

3. Прошетај нè низ твојот креативен процес. Како ти ја создаваш твојата музика? Што користиш од опрема, софтвер, …?
Имам мало импровизирано студио во мојата детска соба. Софтверот во кој работам е Ableton Live, користам M Audio звучна картица, Soundcraft Absolute 2 Spirit студиски звучници и Shure микрофон. Сосема доволно за моите потреби сега за сега.

Речиси никогаш не ми се случило да имам конкретна идеја, која јасно ми одѕвонува во главата, па да седнам и да ја претворам во песна. Процесот е обратен – седнувам да правам музика и експириментирајќи со ритам и звук доаѓам до идеа. Ретко кога знам каде таа самата ќе ме однесе, дури и кога зема појасна форма. Немам изградено свесен систем за изработка на песни, па претпоставувам дека затоа сè уште интуитивно се водам до нив, што на песните им дава мој личен ‘печат’, веројатно токму заради несвесноста на самиот процес. Се надевам искуството ќе ме научи да го комбинирам сето ова со план и структура. За техничката спремност на песните ми помагаат моите пријатели кои се поискусни во оваа област – Горан Атанасовски – Роботек, Синиша Евтимов, Мирко Попов.

4. Кои се најчестите проблеми на кои налетуваш кога продуцираш?
Поминуваат 3 години пред да решам конечно да го завршам и издадам материјалот. Очигледно проблемот не е технички, туку психолошки. 🙂 Мислам дека таа несигурност и неодговорност ќе ја оставам позади себе со “Метропол”.

5. Кое е твоето мислење за македонската електронска музичка сцена и општо за клубската сцена? Дали излегуваме од монотонијата која нè зафати изминатите години?
Клубската сцена во моментов е доста колоритна и разноврсна. Имаме домашни продуценти, бендови и диџеи кои работат со полна пареа, издаваат, постојано пуштаат музика по скопските локали. Имаме гостувања на квалитетни светски имиња речиси секој викенд. Звучи далеку од монотоно.

6. Во петок го провомовираш твојот прв албум „Метропол“. Сите го знаеме тој култен скопски клуб, некои само дека некогаш постоел, но зошто баш „Метропол“?
Бидејќи е симбол на одредено место и време, кое некои сметаат дека е одамна поминато и мртво во секоја смисла. За мене не е така, тврдам дека наследството на овој ‘симбол’ живее понатаму, како и тоа што тој го означува. Чувството и ставот не се менуваат заради затворањето на еден клуб и изминувањето на годините.

7. Што после издавањето на „Метропол“, кои се твоите паланови за 2017 и што можеме да очекуваме во иднина од тебе?
Се повеќе и повеќе нови и квалитетни изданија. Сонична зрелост која е природен еволутивен процес кој доаѓа со работа и посветеност.

Слични објави