Блог

Поддржете ги локалните DJи и продуценти!

Музиката е една од најмоќните нешта на планетата. Секој ја слуша, секој ја знае, таа е насекаде околу нас и да бидеме искрени, никогаш не сме слушнале некој да каже „Јас не сакам музика“. Таа е толку моќна што може да придвиже маса на луѓе и да шири толку позитивна енергија што би заборавиле на сите грижи. Потребни се години труд за да се совлада оваа уметност, многу труд за младите таленти да добијат шанса да пуштаат музика во некој клуб и токму затоа многу им е битна нашата поддршка!

Многу DJ и продуценти започнуваат да си играат со звуци во своите соби или подруми. Тие може да создадат сосема нов стил на музика или некоја трака со која ќе се поврзете многу повеќе, отколку тоа што се врти од големите издавачки куќи или на комерцијалните радио станица, а тоа никогаш нема да го дознаете доколку не им дадете шанса и отидете да ги слушнете во некој од локалните клубови! Отидете на некој од помалите настани, журка или каде и да е и уживајте… никој не знае каква магија се крие таму!

Можеби ќе звучи малку грубо, но локалните таленти знаат да приредат одлична забава за помалку пари! Затоа, нема потреба да се буните доколку картата за некоја журка е прескапа, кога секогаш ја имате можноста за 100-200 денари да слушнете некој од локалните DJи и продуценти. Сепак, тие се дел од нашата сцена и доколку ние не ги поддржеме, кој би?

Да не го заборавиме трудот и времето кое тие го вложуваат пред своите настапи, без разлика дали се работи за нивна журка или за отварање пред некој хедлајнер. Неброени часови поминати во селектирање музика, онлајн промоција, зборување по луѓе за настанот, продавање карти и слично. Тие дечки сериозно се трудат и сето тоа бидејќи веруваат во музиката, веруваат во тоа дека може да им помогнат на луѓето да се поврзат со неа и да уживаат!

Затоа, следен пат кога ќе помислите и ќе зборувате дека пушта некој локалец и нема да биде ништо посебно, размислете двапати! Локалните DJи често знаат да изненадат и да имаат подобар сет од хедлајнерите, во тоа се имаме уверено многу пати, а вашите пофалби би им значеле премногу и би биле голем мотив да продолжат да се трудат и понатаму!

Слични објави