Подкаст

Подкаст 005: Никола Симоновски (RSD IV Promo Mix)

На 21 април (сабота) ќе се одржи четвротото издание на Red Sound District, настан кој со големо нетрпение го очекуваме и веќе неколку пати пишувавме за него. Најновата епизода на нашиот подкаст ќе ја искористиме токму за промотивниот микс за RSD IV подготвен од еден од организаторите и резиден диџеј, Никола Симоновски, со кого и поразговаравме накратко околу самиот настан, електронската музика и електронската музичка сцена во Македонија.

Ова ќе биде четврто издание на Red Sound District. Кажи ни како дојде до идејата за започнување на овој проект?
Сосем скромно, другарски, без големи планови и очекувања. Идејата беше да направиме забава по наш терк и вкус, и сигурен сум дека никој од екипата не очекуваше скоро 1000 посетитела. Фантастичниот фидбек од публиката беше јасен знак дека имаме одличен концепт кој треба да се повтори. Второто и третото издание беа на исто ниво, додека за 10 дена ќе го имаме најголемото издание на RSD до сега. Се додека Македонија има публика за андерграунд музика, и се додека Амстердам има квалитетни имиња за букирање, ние ќе го организираме фестивалот. Со оглед на тоа дека и двете се непресушни, очекувајте уште многу идни црвени забави.

Покрај вас домаќините, годинава за првпат гостуваат Abstract Division и Esh., а Florinsz Janvier се враќа после 2016 година. Што може да очекува публиката на Red Sound District IV?
Убер квалитетна музика, фантастична атмосфера, одличен избор на артисти и забава по екстремно ниска цена. Благодарение на трите успешни изданија, мислам дека публиката веќе знае што може да очекува, и сигурен сум дека и и овој пат ќе ги исполниме очекувањата. Ме радува тоа што се повеќе луѓе го препознаваат RSD како бренд и што константно стигаат прашања и понуди за помош oколу организацијата. Годинава малку отскокнавме од концептот и се решивме за букинг на големо име, култните Abstract Division. Лично за мене ова е остварување на една стара желба, со оглед на тоа дека имав неуспешен обид да ги донесам AD во Македонија уште пред 6 години. Би додал само дека благодарение на публиката која за нас е вистинската звезда на RSD, сите артисти кои до сега имаат настапено инсистираат на повторен букинг.

Овој викенд во Куманово ќе се одржи нова промотивна журка. Уште колку вакви журки се планирани и дали ќе има и во другите градови?
Годинава поради презафатеност со ангажмани на целатиот тим, успеавме да организираме помалку промо забави од лани. Остануваат уште само две, забавата во Куманово, и уште една во Скопје, која ќе се оддржи 2-3 дена пред Red Sound District. Веќе се оддржаа промо забави во Струмица и Велес, како и две во Куманово, па така ни остана yште само афтерот да го организираме.

Океј, доста за Red Sound District. Опиши ни го твојот музички стил во 5 зборови?
Мелодичен, моќен, мрачен, весел, променлив. Или барем така јас мислам 🙂

5 траки кои никогаш нема да ти досадат да ги пушташ?
Иако листава се менува константно, би ги навел следниве траки:
1. SHDW, Obscure Shape – Gesang der toten Dinge (Konstantin Sibold Version)
2. Scalameriya & Re:Axis – Spectra
3. Slam – Rotary
4. Abstract Division – Floating Point
5. Envoy – Dark Manoeuvres (Dax J Remix)

Бонус и all time favorite:
Matias Aguayo – I Don’t Smoke

Какво е твоето мислење за електронската музичка сцена во Македонија? Каква промена мислиш дека може да влијае на подобро?
Дефинитивно одиме по нагорна линија. Ми се допаѓа тоа што што одлично поминуваат настапи на андерграунд музичари. Можеби веќе нема масовни журки како порано, но изборот на артисти кои се носат во последно време е фантастичен, барем за мојот вкус. Што се однесува до промените, ни требаат полицајци кои слушаат техно и кои нема да се трудат да ја прекинат скоро секоја забава на која не пее некоја звезда од соседните држави. Мислам дека ние сме единствената држава во светот во која техно забавите траат до 5 наутро.

Фала ти на издвоеното време. Се гледаме на 21 април во МКЦ!
Фала на Clubbing.mk за ова интервју и за безрезервната поддршка на Red Sound District. Се гледаме на подиум.

Билетите за настанот можете да ги набавите на билетарата на МКЦ по цена од 250 денари која важи до почетокот на самиот настан! Повеќе за изведувачите можете да прочитате овде.